Околу 50 лица се повредени во руски ракетен напад врз Киев денеска рано наутро, соопшти воената управа на главниот град на Украина.
Шефот на управата Серхиј Попко во соопштение наведе дека е рането 51 лице, меѓу кои и шест деца. Тој рече дека сите повредени лица се згрижени и дека засега нема информации за загинати.
Според него, десетици случаи на паѓање на остатоци од проектили имало во населбата Дешњански каде од запалената зграда биле евакуирани 17 лица, меѓу кои седум деца.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија го извршила нападот точно во три часот по локално време (2 часот по средноевропско време) и испратила 10 проектили во правец на Киев, кои биле соборени.
Новинарката на Франс прес јавува дека слушнала неколку експлозии и сирена за тревога.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека е оштетена станбена зграда во областа Дњепровски, поради што се евакуирани 15 жители, меѓу кои четири деца и двајца инвалиди.
„Ракетата падна на теренот на една од болниците во главниот град“, изјави подоцна Кличко, додавајќи дека едно лице е повредено.
Ова е втор руски напад врз Киев за една недела.
Рано во понеделникот, осум руски проектили насочени кон главниот град беа соборени од украинската противвоздушна одбрана, беше соопштено во Киев. Тогаш беа повредени четири лица.
Цел на рускиот напад беше и Одеса, на југот на земјата, напиша преку Телеграм градоначалникот Генадиј Труханов. Тој додаде дека има и ранети, но не прецизираше колку.