Најмалку три лица загинаа, а 25 се повредени во руските ракетни напади во текот на ноќта врз украинскиот град Криви Рог, во кои уништија петкатна станбена зграда, изјави во вторникот гувернерот на украинската област Днепропетровск, Сергеј Лисак.
Се уште има луѓе под урнатините, напиша Лисак во апликацијата за пораки Телеграм.
Четири лица се повредени на друго место во градот, додаде тој.
Русија изврши „масовен“ ракетен напад врз централниот украински град Криви Рог во текот на ноќта, при што загинаа и беа повредени луѓе и оштетена цивилна инфраструктура, соопштија украинските власти рано во вторникот.
„Масовен ракетен напад на Криви Рог“, објави претходно Сергеј Лисак, гувернер на Днепропетровската област во која се наоѓа Криви Рог, наведувајќи дека има мртви и ранети.
Во раните утрински часови ширум Украина се огласија сирени за воздушен напад, а воените претставници на Киев соопштија дека силите за воздушна одбрана ги уништиле сите руски ракети насочени кон главниот град на Украина.
Врховната украинска воена команда објави дека воздухопловните сили уништиле 10 од 14-те крстаречки ракети лансирани од Русија кон Украина и еден од четирите беспилотни летала од иранско производство.
Сè уште не е јасно колку проектили го погодиле Криви Рог и каде беспилотните летала лансирани од Русија ги погодиле нивните цели.
Во Криво Рог беа погодени неколку цивилни згради, меѓу кои и петкатница, изјави претходно градоначалникот на градот Олександр Вилкул, наведувајќи дека најверојатно има луѓе под урнатините.
Лисак објави фотографија од петкатница каде што сите прозорци се скршени, а од некои излегува чад.
Засега нема коментар од Русија за пријавените напади. И Русија и Украина негираат дека целеле цивили во војната што Русија ја започна против својот сосед лани во февруари.