Русија се подготвува да анектира украинска територија и има намера да назначи нелегитимни и функционери што ѝ се блиски во подрачјата под своја контрола, соопшти Белата куќа.
Портпаролот на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби на брифинг за новинари го откри она што го нарече американски разузнавачки податоци. Според неговите зборови, Русија се подготвува и да ја воведе рубљата како валута и да го принуди населението да поднесе барање за државјанство. Како што тој додаде, Русија се обидува и да преземе контрола врз ТВ-репетитори.
Кирби информираше и дека САД во следните денови ќе најават нов пакет оружје за Украина, што се бори со руските сили во источниот дел на земјата. Тоа би бил шеснаесетти пакет по ред.
Коментирајќи ја посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Техеран, Кирби нагласи дека се покажува колку Русија се изолирала.
Тоа беше прво патување на лидерот на Кремљ надвор од границите на поранешниот СССР, откако Москва на 24 февруари изврши инвазија врз Украина.