Русија ослободи група жени од затвор за да се приклучат на војната во Украина, објавија две поранешни затворенички, пишува Њујорк Тајмс. Сепак, не е познато дали нивното ослободување е изолиран случај, пилот програма или почеток на поголем бран на регрутирање затворенички. Воени регрутери почнаа да ги посетуваат женските затвори низ европскиот дел на Русија, повеќе од една година откако на затворениците им понудија помилување и плати во замена за одење на боиштата.
Сепак, до сега, жените кои се пријавиле да се приклучат на војската останувале во затвори без официјално објаснување. Десетици илјади осудени Руси ја прифатија поканата на армијата. Илјадници од нив беа убиени во Украина, а некои извршија тешки злосторства по нивното ослободување. Со регрутирање затворенички, како што наведува Њујорк Тајмс, Русија се обидува да избегне мобилизирање на населението.
Не е познато какви улоги треба да преземат жените на фронтот. Воените регрутери кои посетија затвор во близина на Санкт Петербург минатата година им понудија на затворениците договори за една година како снајперисти, медицински лица и радио оператори на првата линија, што е значително отстапување од претежно помошните позиции што ги држат женски војници. Тогаш се пријавија околу 40 од 400 затворенички.
Им беше понудено помилување и плата од околу две илјади долари месечно, што е околу 10 пати повеќе од минималната плата во Русија. Две жени кои беа сведоци на регрутирање во затворот минатата година изјавија за Њујорк Тајмс дека затворениците се пријавиле и покрај опасностите на кои предупредиле воените офицери при посетата.
Како една од причините зошто жените се пријавуваат во војска, поранешните затвореници ги наведуваат суровите услови во руските затвори. На затвореничките во близина на Санкт Петербург им е забрането да зборуваат, тие работат до 12 часа дневно во работилниците во затворот, дури и на ниски температури. Освен Русија, воени заробеници користи и Украина. Имено, владата во Киев минатиот месец одобри слична шема, а украинските власти објавија дека оттогаш илјадници осуденици се пријавиле за регистрација.