Руското Министерство за внатрешни работи распиша потерница по украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.
„Володимир Александрович Зеленски, 25 јануари 1978 година. Се бара според членот од Кривичниот законик“, пишува во базата на податоци на веб-страницата на Министерството. Не е прецизиран членот по кој е издаден налогот за апсење на украинскиот лидер.
Базата на податоци го наведува и местото на раѓање на бараното лице, градот Кривиј Рих во регионот Дњепропетровск. Објавена е и фотографија од Зеленски, направена пред војната.
Радио Спутник пишува дека Русија распишала и потерница за Валериј Залужни, поранешен врховен командант на украинските вооружени сили.
Меѓународниот суд во Хаг издаде налог за апсење на Владимир Путин во март минатата година. Хашкиот суд издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.