Руското Министерство за внатрешни работи соопшти дека естонската премиерка Каја Калас е ставена на листата на барани лица во Русија.
„Каја Калас… Основа за претрес: претрес по член од кривичен закон“, се наведува во соопштението.
Министерството не прецизираше за кој член од Кривичниот законик на Русија станува збор.
На листата се и државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп и министерот за култура на Литванија, Симонас Каирис.
Руски безбедносен извор, кој сакаше да остане анонимен, изјави за руската државна новинска агенција ТАСС дека тројцата балтички политичари се гонат за „уништување споменици на советските војници“ во Втората светска војна.
Калас е гласен поддржувач на Украина од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Таа беше еден од најсилните гласови во Европската унија и во НАТО кои се залагаа за обезбедување повеќе оружје за Украина.