Русија преку видео се „пофали“ дека уништила складови во Украина со „Кинжал“

by Fokus

Руската армија денеска објави дека за првпат употребила суперсонични ракети во Украина, среде глобалната трка за набавка на вакво оружје, кое рускиот претседател Владимир Путин го нарекува непобедливо.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави:

-На 18 март авионскиот систем „Кинжал“ со своите суперсонични балистички проектили уништи голем подземен склад со ракети и муниција на украинските воздухопловни сили кај местото Дељатин, во областа на Ивано-Франковск, во западна Украина“.

Видеото беше објавено и на „Твитер“. Го објави руското Министерство за одбрана, а на него е прикажано, како што се вели, уништувањето на украинскиот подземен бункер.

 

Русија претходно не пријави употреба на оваа балистичка ракета во двата конфликта во кои беше вклучена – во Украина и Сирија. Од првото успешно тестирање во 2018 година, „Кинжал“ беше користен неколку пати како дел од воени вежби.

Официјална Москва тврди дека овој тип проектили е предизвик за системите за противвоздушна одбрана бидејќи неговата брзина е до 10 маха или околу 12.000 км/ч, па со својата маневрска способност го отежнува или оневозможува пресретнувањето, иако некои западни воени експерти изјавија дека Русија претерува кога ги опишува можностите на ова оружје воздух-земја.

Поврзани новости