Со прецизни крстосувачки ракети погодивме воени цели во Лавов, објави Русија за вчерашниот напад на овој украински град што се наоѓа во западниот дел на земјата, Андриј Садовиј.
Ова е прво огласување на руските власти откако вчера за гранатирањето јавија медиуми, а потоа потврди и градоначалникот на Лавов.
Руското Министерството за одбрана вели дека бил погоден магацинот за гориво кај Лавов, кој го користела украинската армија. Покрај тоа, тие тврдат дека погодиле и погон каде што Украинците ги поправале своите системи за противвоздушна одбрана, радари и нишани на тенкови.
„Вооружените сили на Руската Федерација ќе продолжат со офанзивните операции во согласност со специјалната воена операција“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана.
Во соопштението на руското Министерство се наведува и дека ракетите со долг дострел истрелани од морето го уништиле арсеналот ракети С-300 и системот за воздушна одбрана БУК во близина на Киев. Руската страна тврди и дека уништила неколку беспилотни летала, тврди Министерството.
Украинските власти, пак, во врска со нападот вчера рекоа дека биле погодени два критични инфраструктурни објекти – складиште за нафта и воена фабрика кои се наоѓаат во населени области.
Лавов досега важеше за релативно безбеден град каде беа сместени голем број на хуманитарни работници, волонтери, новинарски екипи.