Русија планира Фејсбук и Инстаграм да ги прогласи за екстремистички организации

by Fokus

Русија отвори криминален случај против компанијата „Мета“ и планира да ја прогласи за екстремистичка организација откако таа привремено им дозволи на корисниците на Фејсбук и Инстаграм во некои земји да повикуваат на насилство против Русија во контекст на инвазијата на Украина.

„Мета“ соопшти дека привремено ја промени својата политика за говор на омраза и дозволи објави во кои се посакува смрт на руските војници, Владимир Путин и Александер Лукашенко. Ова ќе биде дозволено во Русија, Украина, Полска, Ерменија, Азербејџан, Естонија, Грузија, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка.

„Покренавме криминален случај против американската компанија ‘Мета‘ во врска со незаконските повици на убиство и насилство против граѓаните на Руската Федерација. Со вакви одлуки на компанијата не само што се дозволува терористичка активност, туку и се поттикнуваат омраза и непријателство кон рускиот народ“, соопшти Истражниот комитет на Русија, кој директно му одговара на Путин.

Минатата недела, Русија ги блокираше Фејсбук и Твитер откако тие воведоа рестрикции за руските медиуми.

„Како резултат на руската инвазија на Украина, привремено ќе дозволиме форми на политичко изразување кои вообичаено би ги кршеле нашите правила, како повици ‘смрт на руските војници‘“, соопшти „Мета“.

Комитетот за човекови права на ОН ја опиша одлуката на „Мета“ како загрижувачка.

 

Поврзани новости