Министерството за внатрешни работи на Русија денеска соопшти дека отворило истрага поради можно труење на опозиционерот и еден од главните критичари на Кремљ Алексеј Навални.
Навални (44) е во индуцирана кома во берлинска болница, каде беше префрлен во саботата, откако се разболе на летот над Сибир.
Германска болница соопшти дека првиот медицински преглед на Навални укажува на труење, додека руските лекари, кои го лекуваа во сибирската болница, тврдеа поинаку.
Одделението на сибирското Министерството за внатрешни работи започна прелиминарна истрага откако авионот во кој се наоѓаше Навални беше принуден да слета во Сибир откако му се слоши на рускиот дисидент. Тие велат дека извршиле увид во хотелската соба каде Навални престојувал во Томск, ги истражиле рутите по кои се движел во градот и анализирале снимки од надзорните камери од областа.
Тие тврдат дека не откриле никакви лекови или други супстанции.
Кремљ оваа недела објави дека сака околностите за состојбата на Навални да бидат откриени и изрази надеж дека инцидентот нема да им наштети на односите со Западот.
Германија, Франција и други земји ја повикаа Русија да спроведе сеопфатна истрага.
Министрите на ЕУ се очекува набрзо да разговараат за состојбата на Навални.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, изјави дека не разбира зошто Русија не зазела транспарентен пристап во однос на можното труење на Навални.