Најмалку 11 лица загинаа, а 15 се повредени во напад на база во руската област Белгород, која граничи со Украина, соопшти руското министерство.
Нападот е „терористички акт“, се додава.
Двајца терористи се убиени на лице место со возвратен оган, соопшти Министерството, додавајќи дека тие се идентификувани како „граѓани на Заедницата на независни држави (ЗНД)“. ЗНД ги вклучува повеќето поранешни советски републики, освен балтичките земји, Украина, Грузија и Туркменистан. Вториот е придружна членка на организацијата.
Руската војска не соопшти повеќе детали за нападот, ниту за идентитетот на напаѓачите.
Според новинската агенција РИА, двајца напаѓачи отвориле оган врз група доброволни борци за време на обука на полигонот. Од Министерството за одбрана се уште не ја коментираат оваа информација.
Нападот се случи во време на делумна мобилизација во Русија, прогласена бидејќи нацијата е заглавена во долготраен конфликт со Украина. Претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во рамките на мобилизацијата се повикани повеќе од 200.000 резервисти и дека повеќето од нив се уште се на обука.
Кој стои зад нападот?
На руски и украински портали неофицијално се наведува дека се работи за имигранти од Таџикистан кои добиле руско државјанство, а загинатите се доброволци од областа Брјанск.
Постои претпоставка дека конфликтот настанал врз основа на религија. Исто така, некои извори пишуваат дека двајца државјани на Таџикистан живееле во Москва и се приклучиле на воената служба според договорот дури на 12 октомври.
Марина Ахмедова, членка на Советот за човекови права при претседателот на Руската Федерација, цитираше неофицијални информации дека нападот го извршиле мобилизирани Таџикистанци, кои се скарале со другите врз основа на религија.