Рускиот претставник во ОН – Дмитриј Пољански изјави дека Русија нема намера да го ликвидира украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Пољански, на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина, а во врска со критиките искажани од претставници на западните земји во Советот за безбедност на ОН против рускиот напад врз Одеса, недалеку од локацијата каде што беа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и Зеленски, рече дека руските сили имаат многу поважни воени цели во Украина од Зеленски.
„Дали навистина мислите дека не би можеле да го погодиме Зеленски ако навистина сакаме да го направиме тоа? Обидете се да одговорите на ова прашање, но бидете искрени“, рече Пољански, пренесе Тасс.
Според Пољански, во рускиот напад недалеку од локацијата каде што биле Мицотакис и Зеленски бил уништен објект за производство на поморски дронови, односно нивно склопување од компоненти испорачани од Велика Британија.
„Ако некој од вас (на Запад) се надева дека на овој начин ќе се ослободи од лидерот на режимот во Киев, ќе морам да ве разочарам: тоа не е во нашите планови“, рече Пољански.
Медиумите претходно објавија дека за време на рускиот напад на Одеса на 6 март, руска ракета експлодирала во близина на конвојот на Зеленски и Мицотакис, кои биле во посета на Украина, пренесува Танјуг.