Откако Македонија вчера протера петмина дипломати, вработени во Амбасадата на Русија во Македонија, Русија најави дека ќе има адекватен одговор на одлуката на македонските власти.
Минатата година МНР за персона нон грата прогласи двајца руски дипломати, едниот во мај, а вториот во август, и ги протера од земјава.
И во двата случаи Русија реагираше со реципрочни мерки, односно со протерување на македонски дипломати од Москва. Досега, според информациите од МНР, Русија има протерано двајца македонски дипломати.
Од Министерството за надворешни работи за „Фокус“ велат дека моментално во Москва има останато само еден македонски дипломат, така што Русите ако сакаат да ни вратат со протерување, за скоро нема да имаат кого да протераат од Москва.
Од МНР пак не откриваат колку руски дипломати има во Скопје и за одговор не упатија во Руската амбасада во земјава.
Вчера во просториите на Министерството за внатрешни работи беше повикан рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота со која петмина вработени во Амбасадата на Русија се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата.
– Согласно информациите добиени од надлежните органи, наведените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена, соопшти Министерството за надворешни работи.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера излезе со реакција.
-Со приклучувањето кон русофобичната хистерија што ја почна Западот, Скопје уште еднаш ја потврди подготвеноста непромислено да го жртвува суверенитетот и да носи одлуки кои се во спротивност со расположението во јавноста и им противречат на коренитите национални интереси. Ќе бидеме принудени да преземеме реципрочни мерки, реча Захарова.
Претходно, рускиот министер Сергеј Лавров изјави дека Русија подготвува декрет за реципрочни визни мерки со кои ќе се ограничи влезот на граѓаните на „непријателските земји“.
Ф.Ф.С.