Русија му даде азил на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад и на членовите на неговото семејство, објавија руските медиуми.
Рано утринава падна сириската Влада, откако бунтовниците ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск, а на улиците излегоа толпи народ за да го прослават крајот на 50-годишното владеење на семејството Асад.
Според извори од Кремљ, Асад и неговото семејство пристигнале во Москва.
„Русија отсекогаш зборувала за политичко решавање на сириската криза. Ние инсистираме да се обноват разговорите со посредство на ОН. Руските власти се во контакт со претставници на вооружената сириска опозиција, чии лидери ја гарантираа безбедноста на руските воени бази и дипломатски мисии на сириска територија“, објавија руските медиуми.
Сириската државна телевизија утринава објави видеоизјава на група мажи во која се вели дека претседателот Башар ал-Асад е соборен и сите затвореници во затворите се ослободени.
Човекот кој ја прочита изјавата рече дека опозициската група позната како „Оперативна соба за освојување на Дамаск“ ги повика сите опозициски борци и граѓани да ги зачуваат државните институции на „слободната сириска држава“.