Русија ќе остане закана за Европа и по завршувањето на војната во Украина, предупредува финскиот министер за одбрана

by Fokus

Русија и нејзините сојузници ќе останат закана за Европа и по завршувањето на војната во Украина, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен.

Финска дели повеќе од 1.300 километри долга граница со соседна Русија, која во моментов е затворена за сите патници бидејќи Хелсинки ја обвинува Москва за поттикнување илегална миграција во Европа, објави „Ројтерс“.

Презентирајќи го прегледот на војската на оваа земја во северна Европа, Хаканен рече дека ја смета соработката на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина за долгорочен ризик.

„Русија, заедно со своите сојузници, ќе остане опасен актер во Европа и по војната во Украина и не можеме да ја исклучиме можноста тие да им се закануваат на европските земји со употреба на воена сила“, рече Хаканен.

Финска го објави својот прв преглед на одбранбената политика по приклучувањето кон воената алијанса НАТО минатата година, во историска политичка промена поттикната од руската инвазија на Украина.

Прегледот препорачува Финска да се фокусира на зајакнување на својата национална одбрана, НАТО одвраќање и соработка со поединечни сојузници, особено во регионалниот надзор и обука.

„Главни сојузници во нашата меѓународна соработка се Шведска, Норвешка, САД, Велика Британија и Естонија“, рече Хаканен, додавајќи дека Финска соработува со Јужна Кореја, Израел и Јапонија во обезбедувањето одбранбени материјали.

Финска ќе продолжи да троши најмалку два отсто од БДП за одбрана, во согласност со минималната цел на НАТО, се наведува во прегледот.

Балтичките земји и Полска се очекува да потрошат меѓу 3,2 и 4,7 отсто, додека Шведска и Норвешка треба да достигнат 2,6 отсто до 2030 година.

Хаканен претходно оваа недела рече дека Финска ќе размисли за враќање на противпешадиските мини за да помогне во заштитата на нејзината граница, што би значело повлекување од договорот што го ратификуваа или пристапија повеќе од 160 земји, но не и Русија и САД.

Поврзани новости