Рускиот нуклеарен енергетски гигант Росатом ќе започне со изградба на два нови нуклеарни реактори во Унгарија во наредните недели, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Целта на договорот меѓу Русија и Унгарија од 2014 година е проширување на постоечката нуклеарна централа Пакс. Нуклеарната индустрија на Русија не подлежи на санкции од ЕУ поради нападот врз Украина.
Унгарија не ги поддржа безусловно потезите на Западот да ја изолира Русија и да го санкционира извозот на руска нафта и гас. Пакс во моментов произведува 40 отсто од снабдувањето со електрична енергија во Унгарија.
„Нека започне изградбата! напиша министерот за надворешни работи Петер Сијарто во објава на Фејсбук. Со дополнителните два реактори ќе се удвои капацитетот на нуклеарната централа која во моментов се состои од четири реактори изградени во Советскиот Сојуз.
„Ова е голем чекор и е важна пресвртница. Така ќе ја обезбедиме енергетската безбедност на Унгарија на долг рок и ќе ги заштитиме Унгарците од големите промени во цените на енергијата“, рече Сијарто во објавата на Фејсбук пренесена од новинската агенција АФП.
Унгарскиот министер за надворешни работи додава дека нуклеарните реактори би можеле да бидат подготвени за работа до 2030 година. Проектот е во вредност од 12.5 милијарди евра и во голема мера е финансиран од Русија.