Руските сили рано утринава истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и се истоварија војници на нејзиниот јужен брег, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече, специјална воена операција на истокот.
Набргу откако Путин се обрати на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеа да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.
Владимир Путин ја најави воената операција во Украина во 5.55 часот по московско време – а неколку минути подоцна првите гранатирања и проектили беа лансирани во Украина.
Во главниот град Киев, се огласија сирените за итни случаи, а фотографии и снимки на социјалните мрежи покажуваат колони автомобили во обид да го напуштат градот. На жителите на Киев им е кажано да останат дома и да спакуваат торба со потребните работи, во случај да треба нагло да заминат. Но, голем дел од нив побрзаа во киевското метро за да побараат засолниште, пишува Си-Ен-Ен.
Во близина на главниот град, како што јавија локалните медиуми, се слушале пукотници.
Низ градот, црвените стрели насликани на ѕидовите ги означуваат локациите на најблиските засолништа од бомби. Градот првпат ги постави по избивањето на војната на истокот од земјата во 2014 година, но неодамна беа повторно обоени, за да не се пропуштаат.
„Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.
„Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува“.
Реагирајќи на инвазијата што САД ја предвидуваа со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека трпи неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.
Претходно, Русија побара запирање на проширувањето на НАТО кон исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската воена алијанса предводена од САД е неприфатливо. Тој рече дека ја одобрил воената акција затоа што Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од модерна Украина, демократска држава со 44 милиони жители.
„Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина“, рече Путин. „Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина, рече Путин во телевизиското обраќање до нацијата при најавата на воените операции. Тој, исто така, истакна дека Русија не планира окупација на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушнале во многу градови.
Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Во средата беа мобилизирани резервисти. – Војската функционира. Јас ќе бидам со вас цело време. Останете силни. Ќе победиме затоа што сме Украина. Слава на Украина, рече Зеленски.
Украинските вооружени сили објавија соопштение во кое се вели дека руската војска започнала „интензивно гранатирање“ кон нивните единици на истокот на земјата, јави Би-Би-Си. Русија, исто така, изврши ракетни напади врз аеродромот Бориспил во близина на Киев и неколку други аеродроми, се вели во соопштението.
Локалните медиуми цитираат украински официјални лица дека војници во Белорусија се приклучуваат на рускиот напад, што значи дека офанзивата сега доаѓа и од северот на Украина. Нападот од север ги дополнува руските напади на истокот на Украина и движењето на руските трупи кон Одеса на југ.
Истовремено, проруските сепаратисти објавија дека почнале офанзива против градот Шчастија во провинцијата Лугањск, што е под контрола на Украина. Во провинцијата Доњецк почнале голема воена операција долж линијата на одвојување, јавија руските медиуми.
Меѓународната заедница остро го осуди нападот и најавија силен одговор.
Утрово во Киев е тивко. Би-Би-Си јавува дека е забележливо поголемо воено присуство од вообичаено. Жители се жалат дека изгубиле врска на нивните телефони. Исто така, локалните медиуми информираат дека во супермаркетите е гужва, а луѓето прават залихи од храна и продукти, како и дека вадат пари од банкоматите „за секој случај“.