Русија изврши голем напад врз Киев со беспилотни летала и крстосувачки ракети

by Fokus

Украинските воздухопловни сили утринава соопштија дека Русија го нападнала Киев и другите градови низ Украина со беспилотни летала и крстаречки и балистички ракети.

Неколку серии експлозии го потресоа главниот град на Украина рано утринава, поради што жителите брзаат кон засолништата, пренесува АП.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека итната помош била повикана во областите Холосиевска и Соломјан во Киев. Наводно, едно лице е повредено во областа Шевченковски, додаде Кличко.

„За се ќе има одговори. Непријателот ќе го почувствува тоа“, објави шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак, на Телеграма по нападот.

Според воздухопловните сили, Русија истрелала неколку групи крстаречки ракети кон Киев, по што следело лансирање на балистички ракети и неколку беспилотни летала.

Експлозии одекнаа и во Харков, вториот по големина град во Украина, јавуваат украинските медиуми.

Големиот напад се случи еден ден откако руската војска објави дека пресретнала и уништила 158 украински беспилотни летала, кои биле насочени кон повеќе руски региони во еден од најголемите напади од почетокот на војната.

Поврзани новости