Русија излегува од воениот договор за ограничување на оружјето во Европа

by Fokus

Русија се подготвува формално да се повлече од Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа (CFE) според наредбата на претседателот Владимир Путин, објави денеска Кремљ.

Заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков задолжен е за расправата во Парламентот. Самиот нацрт-закон за повлекување се уште не стигнал во Думата, долниот дом на рускиот парламент.

Договорот CFE поставува горни граници за стационирање на тешко оружје на европскиот континент. Тие вклучуваат борбени тенкови и борбени возила на пешадија, тешка артилерија, борбени авиони и хеликоптери.

Москва беше еден од потписниците на договорот во 1990 година, но го суспендираше најголемиот дел од неговата имплементација во 2007 година. Од 2015 година, една година по анексијата на украинскиот полуостров Крим, Русија исто така повеќе не учествува на состаноците на советничката група.

Од почетокот на војната, Путин нареди масовно зголемување на производството на оружје и воена опрема
По почетокот на руската сеопфатна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Путин ги повика одбранбените компании во неговата земја масовно да го зголемат производството. Оттогаш, многу компании во секторот работеа во повеќе смени за да ги задоволат потребите на руската војска за муниција и оружје – вклучително тешко оружје.

На почетокот на годината, Русија го суспендираше и Новиот СТАРТ договор за контрола на нуклеарното оружје, кој сe уште беше на сила како последен голем договор за разоружување меѓу Русија и САД.

Во февруари годинава, за време на обраќањето во рускиот парламент, Путин рече дека го суспендира учеството на Русија во Новиот договор СТАРТ за ограничување и контрола на нуклеарното оружје, што беше договорено со САД. Ова го загрози последниот договор кој ги регулира двете најголеми нуклеарни сили во светот.

Договорот беше потпишан од поранешните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев во април 2010 година. Тој стапи на сила во февруари 2011 година и требаше да трае до февруари 2026 година. Со него САД и Русија се обврзаа да немаат повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети на копно и подморници и дека тие и стратешките бомбардери нема да имаат повеќе од 1550 нуклеарни боеви глави.

Поврзани новости