Руски воен брод денес испука предупредувачки истрели кон товарен брод во југозападниот дел на Црното Море, што е првпат Русија да пука во трговски брод откако го напушти Договорот за жито.
Во јули Русија еднострано се повлече од договорот, кој со посредство на Турција и Обединетите нации овозможи извоз од украинските црноморски пристаништа.
Москва предупреди дека ќе ги смета сите бродови кои влегуваат во украинските води за легитимна цел, бидејќи тие потенцијално носат оружје.
Во соопштението, Русија наведе дека нејзиниот патролен брод Василиј Биков пукал кон бродот Сукру Окан, кој плови под знамето на Палау, откако капетанот на бродот не одговорил на барањето да застане на проверка, јави Ројтерс.
Русија објави дека бродот се упатил кон украинското пристаниште Измаил. Бродот моментално се наоѓа во близина на брегот на Бугарија и се движи кон романското пристаниште Сулина.
„За да се принуди бродот да застане, беше отворен предупредувачки оган од автоматско оружје“, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Заради увид, од патролниот брод „Василиј Биков“ е подигнат хеликоптер Ка-29 со група руски воен персонал. Бродот престана да се движи, а увидна екипа слета на товарниот брод “, соопшти руското министерство за одбрана.
„Откако групата ја завршила проверката на бродот, Шукру Окан го продолжил патувањето до пристаништето Измаил“, се наведува во соопштението.