Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска предупреди дека пристапувањето или на Финска или на Шведска во НАТО ќе предизвика, како што рече, сериозен одговор од Москва.
Ако која било од нордиските земји се обиде да се приклучи на безбедносната алијанса, рече Захарова, тоа „ќе има сериозни воени и политички последици што ќе бараат од нашата земја да преземе реципрочни чекори“.
-Ние ја сметаме посветеноста на финската Влада на воена политика на неутралност како важен фактор за одржување безбедност и стабилност во северна Европа – истакна таа.
Инаку, Финска соработува со безбедносната алијанса за некои прашања и присуствуваше на денешниот состанок во Брисел, иако официјално не е членка на блокот.
Минатиот месец, премиерката Сана Марин рече дека е „многу малку веројатно“ Финска да аплицира за членство во НАТО за време на нејзиниот мандат.