Конфликтот помеѓу Русија и Украина има длабоки корени. Во суштина се работи за тоа дека Москва не ја прифаќа независноста на Киев.
Русија ги започна воените вежби во близина на Украина во кои учествуваат илјадници војници и десетици воени авиони.
Кремљ претходно го обвини Вашингтон за „ескалација на тензиите“, со тоа што подготвува контингент американски војници за распоредување во Европа, поради постојаните стравувања дека Москва ќе го нападне нејзиниот сосед.
Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина, при што американскиот претседател Џо Бајден се консултира со сојузничките европски лидери, а Пентагон објави дека става во сила до 8.500 американски војници на „зголемена тревога“ за потенцијално распоредување за да се зајакне присуството на НАТО во регионот.
Руската војска денеска соопшти дека започнала вежби во кои учествуваат околу 6.000 војници и најмалку 60 борбени авиони во регионите Ростов и Краснодар во близина на Украина и во полуостровот Крим, врз кој беше извршена анексија од Москва во 2014 година.
Портпаролот Дмитриј Песков рече дека „САД ги ескалира тензиите“ и предупреди дека Кремљ ги следи „овие акции на САД со голема загриженост“.
Соединетите држави и НАТО му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.
Западните земји предупредуваат на „сè поголемата закана“ од руска инвазија во Украина, па дел од нив почнаа да ги повлекуваат своите дипломати од таа земја.
Москва од друга страна ги отфрла тврдењата дека се спрема за напад и бара правни гаранции од Западот дека НАТО нема да се шири на исток и дека нема да поставува ракетни системи на нејзините граници.
Гранични напади
Украинските власти соопштија денеска дека разбиле група диверзанти, координирани од Москва, кои подготвувале серија напади во пограничните области на Украина со цел да ја „дестабилизираат“ ситуацијата во поранешната советска република.
Групата подготвувала „серија вооружени напади“ врз урбаната инфраструктура, се наведува во соопштението на Службата за безбедност на Украина, во кое се додава дека групата била „координирана од руските специјални служби“, пренесува информативната агенција
Санкции за Русија
САД планираат нови санкции против Русија во случај на ескалација на ситуацијата во Украина. Тие се однесуваат на ограничувањата на извозот на суровини и оружје и ограничувања на дипломатските контакти, пишува „Билд“, повикувајќи се на сопствени извори.
Според весникот, планот за санкции, претставен во Берлин, го подготвил шефот на ЦИА, Вилијам Барнс. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им го „објаснил“ планот на западните сојузници.
Станува збор за „блокирање на руските трговски патишта низ светот“, блокирање на снабдувањето со суровини од Русија, „прекин на патиштата за снабдување“ и „драстично намалување на персоналот на руските амбасади во западните земји“.
Очекуваната економска штета за Русија од воведувањето на овие санкции се очекува да достигне 50 милијарди долари, објави „Билд“.
Балканот поделен
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ порача дека на Украина не ѝ местото во НАТО, а ситуацијата на украинско-руската граница ја оцени како сериозна криза зад која првенствено стои динамиката на американската внатрешна политика, додавајќи дека Хрватска на никаков начин нема да се меша во кризата ако дојде до нејзина ескалација и дека таму нема да има свои војници.
Тој истакна дека Украина нема што да бара во НАТО и дека Европската Унија таму поттикнала „државен удар“, со кој во 2014 беше турнат од власт прорускиот претседател Виктор Јанукович.
Милановиќ смета дека демократската влада на Бајден под притисок на сопствените „јастреби“ во партијата, но сега и на оние републиканците кои „до вчера ја оправдуваат и поддржуваа опортунистичката и мирна политика“ на поранешниот претседател Доналд Трамп кон Москва, а сега ги притискаат Пентагон и Бајден кон Русија да се постават цврсто.
Ако дојде до ескалација, Хрватска ќе се повлече „до последниот војник“, порача врховниот командант на хрватската војска.
Осум години подоцна, продолжи хрватскиот претседател, „Украина е и понатаму една од најкорумпираните земји во светот, економски стагнира и не доби ништо од ЕУ“.
Албанскиот претседател и врховен командант на вооружените сили, Илир Мета денеска оствари итна средба со началникот на Генералштабот на албанската армија, генерал-мајор Бајрам Бегај.
Мета нагласи дека ја истакнал важноста од најефикасна координација со Алијансата, како и преземање мерки за продолжување на реформите со цел дополнително зајакнување на албанските одбранбени капацитети.
Бугарија е на готовс, а македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска најави дека Северна Македонија ќе испрати војници во Украина согласно потребите на НАТО.
Европски држави најавија финансиска помош за Украина за да биде отпорна на руската агресија
Фонд за помош
Велика Британија, Канада, Шведска, Швајцарија и САД планираат на крајот од месецов да основаат фонд за помош на Украина со финансирање од 35 милиони фунти (над 47 милиони долари) за период од три години.
На 31 јануари, се планира фондот и официјално да почне со работа со потпишување договор. Целта на фондот е поддршка и зголемување на отпорноста на општините погодени од руската агресија, спречување на понатамошна ескалација и подготовка за непречена социјална, економска и политичка реинтеграција на привремено окупираните територии.
Дел од земјите ги повикаа своите граѓани да не патуваат во Украина.
Украина го одбра Западот
Актуелните тензии меѓу Русија и Украина не се нови, двете земји имаат заеднички корени во источнословенската држава Киевска Русија, поради што рускиот претседател Владимир Путин и денес зборува за „еден народ“.
Сепак патиштата на двата народа беа разделени со векови, настанаа два јазика и култури – тесно поврзани, а сепак различни.
Додека Русија политички се разви во царство, Украина не успеа да формира своја држава. Во 17 век, големи области на денешна Украина станале дел од руската империја. По нејзиниот распад во 1917 година, Украина стана независна, што траеше кратко, сѐ додека советска Русија не ја освои повторно.
Во декември 1991 година, Украина, заедно со Русија и Белорусија, беше една од трите сестрински републики кои го запечатија распадот на Советскиот Сојуз. Москва сакаше да го задржи своето влијание и Заедницата на независни држави (ЗНД) ја сметаше за инструмент за остварување на тоа влијание.
Кремљ исто така веруваше дека со испорака на евтин гас може да ја врзе соседната земја за себе. Работите излегоа поинаку. Додека Русија и Белорусија формираа алијанса со блиски врски, Украина сè повеќе гледаше кон Запад.
Тоа го иритираше Кремљ, но во 1990-тите не дојде до конфликт. Москва делуваше опуштено, бидејќи Западот не сакаше да ја интегрира Украина. Самата Русија, пак, беше економски слаба и врзана со чеченските војни.
Во 1997 година, со потпишувањето на т.н. „Голем договор“, Москва ги призна границите на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим, каде мнозинството се етнички Руси.
Кризата од 2003 година
Во текот на мандатот на Путин како претседател, дојде до првата голема дипломатска криза помеѓу Москва и Киев. Во есента 2003 година, Русија изненадувачки почна да гради брана во Керчкиот Теснец кон украинскиот остров Коса Тузла.
Киев во тоа гледаше обид за прекројување на границата. Конфликтот ескалираше и беше решен дури по средбата лице в лице меѓу претседателите на двете земји. Изградбата беше стопирана, но декларираното пријателство меѓу двете земји доби пукнатини.
На претседателските избори во Украина во 2004 година, Русија му даде голема поддршка на прорускиот кандидат Виктор Јанукович. Но, „Портокаловата револуција“спречи негова фалсификувана победа, а победи прозападниот политичар Виктор Јушченко.
За време на неговиот мандат, Русија двапати ја прекина испораката на гас за Украина, во 2006 и 2009 година. Прекин имаше и на транзитот на гас за ЕУ.
Гасот и НАТО
Во 2008 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш се обиде да ги внесе Украина и Грузија во НАТО и да ги вклучи во формална подготвителна програма. Путин протестираше.
Москва тогаш јасно стави до знаење дека не ја прифаќа целосно независноста на Украина. Германија и Франција ги спречија плановите на Буш. На самитот на НАТО во Букурешт, на Украина и на Грузија им беше ветено членство, но без датум.
Бидејќи работите со вклучување во НАТО не функционираа брзо, Украина се обиде да ја унапреди врската со Западот преку Договор за асоцијација со ЕУ. Во летото 2013 година, неколку месеци пред потпишувањето, Москва изврши огромен економски притисок врз Киев и го попречи увозот на Украина.
Владата на тогашниот претседател Јанукович, кој победи на изборите во 2010 година, го стави договорениот договор во мирување. Јанукович со тоа предизвика протести на опозицијата, кои доведоа до негово бегство во Русија во февруари 2014 година.
Конфликтот од 2014 година
Кремљ го искористи вакуумот во владеењето во Киев за да го анектира Крим во март 2014 година. Тоа беше пресвртница, почеток на необјавена војна. Во истовреме, руски паравоени сили почнаа да се мобилизираат за бунт во регионот Донбас, во источна Украина.
Во Доњецк и Луганск беа прогласени „народни републики“ – со Руси на врвот. Владата во Киев чекаше до претседателските избори во мај 2014 година, а потоа започна голема воена офанзива, која ја нарече „антитерористичка операција“.
Во јуни 2014 година, новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко и Путин се сретнаа за првпат – со посредство на Германија и Франција – на прославите по повод 70-годишнината од Денот Д во Нормандија. Се роди таканаречениот Нормандиски формат.
Во тоа време, украинската армија успеа да ги потисне сепаратистите, но на крајот на август, Русија, според тврдењата на Киев, се вмешала воено. Москва го негира тоа.
Украинските единици во близина на Иловајск, град источно од Доњецк, претрпеа пораз. Тоа беше пресвртница. Војната на широк фронт заврши во септември со потпишувањето на примирјето во Минск.
Желбата на Путин
Потоа започна рововска војна која трае до денес. На почетокот на 2015 година, сепаратистите повторно тргнаа во офанзива и, според Киев, повторно била ангажирана руска армија без ознаки. Москва и тоа го негира.
Украинските воени сили претрпеа втор пораз, овојпат во стратешки важниот град Дебалцево, кој мораа набрзина да го напуштат. Во тоа време, со западно посредство е постигнат договорот Минск-2, договор кој и денес е основа за мировните напори и останува неисполнет.
Во текот на есента 2019 година, на неколку места имаше повлекување на трупите од линијата на поделба. Но, од Нормандискиот самит во Париз, во декември 2019 година, веќе нема натамошни средби.
Засега Путин не сака лично да се сретне со украинскиот претседател Владимир Зеленски, бидејќи, од руска гледна точка, тој не ги спроведувал договорите од Минск.
Од декември 2021 година, рускиот претседател Путин отворено бара од САД Украина никогаш да не се приклучи на НАТО и да не добива воена помош. НАТО го отфрли ова барање.