Русија ќе продолжи да ги почитува стратешките офанзивни ограничувања и покрај суспензијата на договорот Нов СТАРТ, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
– Со цел да се одржи доволен степен на предвидливост и стабилност во нуклеарната ракетна сфера, Русија има намера строго да се придржува до квантитативните ограничувања на стратешкото офанзивно оружје, кои се предвидени во рамките на договорот, се наведува во соопштението кое го пренесуваат руските медиуми.
Претходно денеска рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија го суспендира учеството во Нов СТАРТ.
Министерството за надворешни работи на Русија оценува дека постојат сите причини да се каже дека политиката на САД е насочена кон поткопување на националната безбедност на Русија, што е во директна спротивност со основните принципи и сфаќања содржани во преамбулата на СТАРТ, на која се заснова договорот, и без кои немаше да биде склучен.
– Всушност, зборуваме за радикална промена на околностите во однос на оние што постоеја во времето на потпишувањето на СТАРТ, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на руското МНР.
Се нагласува дека апсолутно се исклучени какви било чекори на Русија кон САД во контекст на СТАРТ, додека Вашингтон не покаже политичка волја за општа деескалација.