Русија го сопре дотокот на нафта во Полска преку нафтоводот „Дружба“, соопшти денеска Даниел Обајтек, извршен директор на полската рафинерија „ПКН Орлен“.
-Ги обезбедуваме залихите. Русија го сопре дотокот во Полска, за што сме подготвени. Од Русија доаѓаат само 10 отсто сурова нафта, а ќе ги замениме со други извори, напиша Обајтек на Твитер. „ПКН Орлен“ објави дека може во потполност да ги снабди своите рафинерии по морски пат и дека сопирањето на руската нафта нема да влијае на испораката на бензин и дизел.
Комапнијата во февруари, по истекот на договорот со руски „Рисенафт“, нафтата ја добиваше во рамки на договорот со руски „Татенафт“. Цевководот „Дружба“ е изземен од санкциите кои ЕУ ги наметна за Русија поради инвазијата над Украина.
„Дружба“ со нафта ги снабдува Полска, Германија, Унгарија, Чешка и Словачка. Изоставен е од санкциите за да им се помогне на земјите со ограничени алтернативи за добивање нафта.
„Орлен“ по почетокот на инвазијата на Украина и пред европското ембарго на руската нафта која доаѓа по морски пат престана да купува руска нафта и горива.
Во моментот енергентите ги набавува од западна Африка, Средоземјето, Мексиканскиот Залив и од арапските земји. Со саудискиот АРАМКО „Орлен“ има договор од 2022 година.