Русија го повика својот амбасадор на консултации, откако Бајден рече дека Путин е убиец

by fokus

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, е повикан во Москва за консултации „со цел да се проанализира што да се прави и каде се оди во контекст на односите со САД,“ изјавија денеска од руското МНР, откако претседателот Џо Бајден на прашање од новинар „дали Путин е убиец“, одговори потврдно. 

Изјавата на Бајден, дадена синоќа во интервју за телевизијата „Еј-Би-Си“, ги возбуди духовите во Москва.  

На прашањето од водителот Џорџ Стефанопулос, дали тој смета дека Путин е убиец, Бајден одговор „хмм да, сметам дека е“, и истакна дека „тој ќе плати висока цена“ за поткопување на изборите во САД. 

Вашингтон по се изгледа не е загрижен. Прашањата на Стефанопулос најверојатно биле претходно одобрени и претседателот одговараше на нив без двоумење.  

-Рековте дека тој немал душа, рече водителот, на што Бајден одговори: „да тоа му го кажав нему (на Путин) и неговиот одговор беше се разбираме еден со друг… му реков те знам тебе и ти ме знаеш мене, кажа тој за некогашна средба што ја имал со Путин. 

Набљудувачите во Вашингтон сметаат дека забелешката на претседателот на САД е најава за нова рунда жестоки санкции против Русија.  

-Ќе има дополнителни санкции против поединци блиски до Владимир Путин… можеби уште идната недела, јави денеска Си-Ен-Ен. Такви санкции веќе имаше поради труењето на опозиционерот Алексеј Навални. 

-Овој пат санкциите ќе бидат поради обидите за раскол во американското општество и дезинформацијата за време на изборите во 2020 година, за која се дозна од последниот извештај на нашите разузнавачи, и многу од оваа дезинформација беше за семејството на Џо Бајден и за неговиот син Хантер, што тој го прими многу лично, посочи коментатор за телевизијата. 

Од руското МНР истакнаа дека повлекувањето на амбасадорот е со цел „да се спречи непоправлива деградација во односите со САД“.

Поврзани новости