Русија во недела ќе ублажи некои од своите епидемиолошки мерки во борбата против коронавирусот, и покрај рекордниот број пријавени случаи на инфекција во време кога варијантата Омикрон се шири низ целата земја, објави денеска федералната здравствена служба.
Бројот на дневни случаи на инфекција се зголемува од јануари, но Омикронот не доведе до значително зголемување на смртноста, а Кремљ неодамна ја отфрли можноста за целосно затворање.
Според најновата одредба, луѓето кои биле во контакт со лица заразени со Ковид-19 од недела повеќе нема да мора да бидат во самоизолација.
Во Москва, училиштата и градинките би можеле да ја укинат изолацијата за децата од следната недела, соопшти градската работна група за коронавирус.
Претходно оваа недела, Ана Попова, директорка на федералната служба, рече дека некои од ограничувањата повеќе немаат смисла бидејќи варијантата Омикрон се шири премногу брзо.
До 20 отсто од заразените во Русија и 40 отсто од луѓето во Москва немаат никакви симптоми.
Во последните 24 часа во Русија има 714 смртни случаи, што е помалку од рекордниот број од 1.200 смртни случаи регистрирани во еден ден во ноември.