Руските научници почнаа да ги обработуваат првите податоци што леталото Луна-25 ги испрати од своите инструменти на Земјата, соопшти денеска руската вселенска агенција Роскосмос, а јави државната новинска агенција Тасс.
Вселенската сонда тешка 1.800 килограми беше лансирана минатиот петок од космодромот Восточни, а треба да влезе во орбитата на Месечината следната среда пред планираното слетување во близина на јужниот лунарен пол на 23 август.
„Луна-25 го продолжува својот лет кон природниот сателит на Земјата, а сите системи на автоматската станица работат правилно, комуникацијата со неа е стабилна, енергетскиот биланс позитивен“, се вели во соопштението на Роскосмос објавено на апликацијата за пораки Телеграм.
Луна-25 е дел од руската лунарна програма, која предвидува изградба на вселенска станица на Месечината до 2040 година. Оваа сонда треба да придонесе за најефективниот развој на технологијата за меко слетување. Русија ќе се обиде да стане првата нација која ќе постигне меко слетување на јужниот пол на Месечината, област за која се верува дека има „џебови“ со воден мраз.
Таму ќе вршат планирани научни истражувања, кои покрај проучувањето на површинските слоеви на јужниот пол на Месечината, опфаќаат и проучување на нејзината екосфера.
фото: ЕПА