Европскиот суд за човекови права заклучи дека Русија е „одговорна“ за убиството на поранешниот разузнавач Александар Литвиненко кој беше отруен со полониум-2010 во Велика Британија во 2006 година.
Во соопштението, судот оцени дека постои „силна претпоставка“ дека сторителите на труењето, именувани за време на британската истрага, дејствувале како агенти за руската држава.
Судот, исто така, наведува дека Москва не дала „задоволителни и убедливи“ алтернативни објаснувања, ниту, пак, ги „оспорила заклучоците од британската јавна истрага“.
Европските судии, исто така, посочуваат дека руските власти не спровеле „ефективна внатрешна истрага“ за идентификување и гонење на одговорните за убиството.
Затоа, заклучено е дека Русија е виновна за кршење на членот два од Европската конвенција за човекови права, со кој се гарантира правото на живот и членот 38, кој ги обврзува државите да му ги достават на Европскиот суд за човекови права сите потребни информации за да се разгледа случај.
Русија е осудена да исплати 100.000 евра како „морална штета“ на вдовицата на Александар Литвиненко, што е доста висока сума што ја изрекол овој суд, воопшто.
Литвиненко, поранешен агент на КГБ, ја напушти Русија во 2000 година и отиде во Британија каде важеше за гласен критичар на Владимир Путин. Тој почина откако испи чај во кој имало радиоактивна супстанција полониум-210 во хотел во Лондон.
Случајот со неговото убиство предизвика тензии во британско-руските односи.
Во извештајот по истрагата за неговата смрт, објавен во 2016 година, британските власти ги наведоа Димитриј Ковтун и Андреј Луговој како извршители на неговото убиство. Москва одбивала да ги екстрадира.