Русија: Десетици загинати во експлозија на бензинска пумпа во Дагестан

by Fokus

Најмалку 27 лица загинаа во експлозија и пожар на бензинска пумпа во Дагестан на југот на Русија.

Експлозијата се случи во регионалниот главен град Махачкала, на брегот на Каспиското Море, во 21:40 часот по локално време.

Руската новинска агенција Интерфакс ги цитираше лекарите дека меѓу загинатите има три деца.

Во несреќата, чија точна причина се уште не е утврдена, се повредени десетици лица.

Околу 260 работници на итната помош се на терен, а тешко повредените се пренесени во Москва, соопшти Министерството за вонредни ситуации.

Пожарот се проширил на површина од 600 метри квадратни и постои опасност од дополнителни експлозии.

Неименуван сведок, цитиран од рускиот весник „Известија“, изјави дека пожарот избувнал на паркингот спроти бензинската пумпа.

„По експлозијата, сè ни се урна. Друго не можевме да видиме“, рече сведокот.

Рускиот истражен комитет соопшти дека пожарот избувнал за време на некои работи за одржување на автомобилот и бил „проследен од експлозија“.

Поведена е кривична постапка за утврдување на околностите кои довеле до инцидентот, соопшти Комитетот.

Република Дагестан е еден од 83-те составни делови на Руската Федерација и е најјужниот дел од земјата.

Махачкала е оддалечена околу 1.600 километри од Москва.

Поврзани новости