Русија бара од Западот, како гаранција за безбедноста, силите на НАТО да ги напуштат Романија и Бугарија, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Москва побарала од НАТО правно обврзувачки гаранции дека повеќе нема да се шири и дека ќе се врати во своите граници од 1997 година, пишува „Ројтерс“.
На прашањето што би значело тоа за Бугарија и Романија, кои се приклучија на НАТО по 1997 година, Министерството посочува дека Русија сака сите странски трупи, оружје и друга воена опрема да се повлечат од тие земји.
Во моментот НАТО има 30 членки. Во 1949 година Алијансата била основана од 12 земји: Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Обединетото Кралство и САД. Останатите земји членки се: Грција и Турција (1952), Германија (1955), Шпанија (1982), Чешка, Унгарија и Полска (1999), Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија (2004), Албанија и Хрватска (2009), Црна Гора (2017) и Северна Македонија (2020).