Ручи: Албанија ја поддржува Македонија и нема никакви претензии

by fokus

Парламентарниот дијалог меѓу двете земји во последно време е во пораст, меѓутоа ние имаме и други можности кои се неискористени. Албанија и Македонија се две соседни земји, две пријателски земји кои ги има обединето далечната, но и блиската историја, нагласи денеска претседателот на Парламентот на Република Албанија Грамос Ручи, при обраќањето во Собранието на Република Македонија.

Посочи дека Македонија и Албанија имаат многу добрата економска соработка, наведувајќи дека се прават напори за создавање на заеднички инфраструктира, за слободно движење на стоките, луѓето и на капиталот.

– Ние високо ги цениме вашите напори за модернизација на Македонија. За историските одлуки кои ги донесовте, за забрзување на ритамот на демократските и интегративните процеси. Вие докажавте волја и европски дух кон модернизација на Македонија. Последните месеци со ваша совест и согласност донесовте две историски одлуки и закони, законот за употреба на јазиците и законот за промена на уставното име на вашата земја. Тоа се големи одлуки, истакна Ручи.

Посочи дека фактот што неговата посета се случува во значајни моменти за иднината на Македонија, е јасен доказ дека Албанија е еден од поддржувачите на земјата.

– Целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор, преку реализација на законот за употреба на јазиците и донесувањето на уставните иземени за прашањето на името на земјата, и преку конечното гласање ќе го потврди неповратниот пат на Македонија кон членство во Европската Унија и НАТО, наведе претседателот на албанското Собрание.

Истакна оти Албанија се изјаснила дека е отворена и безрезервна за членството на Македонија во НАТО.

– Двете наши земји целосно го заслужуваат зачленувањето, не само поради нашиот ангажман и должност, туку и како значаен фактор за мирот во регионот. Ние сме свесни за тешкотиите во кои се наоѓа ЕУ, свесни сме и за евроскептицизмот и за екстремните националистички и расистички тенденции во некои земји-членки на Унијата. Членството на нашите две земји со проевропско население само ќе ја зајакне прогресивната интегративна оска на Европа, потенцираше Ручи.

Наведе дека Албанците и Македонците по корен, по култура, по душа се европски народи, истакнувајќи дека во блиска иднина ќе се приклучат кон европското семејство и формално и правно.

– ЕУ во клима на глобална конкуренција и во функција на стратешките цели треба да ги гледа и цени односите на нашите земји. ЕУ има потреба од нашиот регион, како што и нашите земји имаат потреба од интегрирање во во големото европско семејство, истакна Ручи.

Фото – РСЕ

Поврзани новости