Американскиот државен секретар Марко Рубио и се обрати на јавноста по разговорите со украинските претставници во Саудиска Арабија.
Тој вели дека САД дале понуда, која Украинците ја прифатиле, „да влезат во прекин на огнот и да влезат во преговори за завршување на овој конфликт на начин кој е траен и одржлив“.
Тој вели дека сега ќе ја однесе понудата до Русите и се надева дека тие ќе кажат да.
„Топката е на нивен терен“, додава Рубио, велејќи им на новинарите дека претседателот Трамп сака војната да заврши.
Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц изјави дека на состанокот се разговарало за деталите како трајно да се стави крај на оваа војна и кои ќе бидат долгорочните гаранции.
„Во наредните денови ќе разговарам со руската страна, а секретарот Рубио ќе разговара со министрите за надворешни работи на Г7“, рече Волц.
Потоа, Рубио повтори дека единствениот начин да се стави крај на војната е преку преговори, а за тоа да се случи, пукањето мора да престане. Рубио рече дека се надева дека ќе дојде до прекин на огнот што е можно поскоро.
„Секој ден што поминува, бомбите паѓаат врз луѓето, луѓе умираат од двете страни на овој конфликт“, изјави тој за новинарите.
„Ова е сериозна работа, а не епизода од телевизиска серија“, нагласи Рубио.
Тој нагласи дека се надева на брз одговор од Москва, со цел да премине во вистинската фаза на преговорите, наместо „бескрајни дијалози“.
„Најдобриот гест на добра волја што можевме да го видиме од Русите ќе биде тие да ја прифатат украинската понуда и да кажат „да“, заклучи тој.
Претходно, украинската и американската страна во заедничка изјава изјавија дека САД ќе продолжат да и даваат помош на Украина и дека Киев изразил подготвеност да прифати привремен прекин на огнот од 30 дена.