Рубен Аморим: Ова е најлошиот тим на Јунајтед на сите времиња

by Fokus

Менаџерот на Манчестер Јунајтед – Рубен Аморим изјави дека има огромни проблеми, но дека нема да го промени својот тактички план и покрај десеттиот сезонски пораз (од Брајтон 1:3), кој го остава клубот во опасност од најлош пласман во историјата на Премиерлигата.

Португалецот, кој беше пречекан како спасител на Јунајтед, освои само 11 од можни 33 бода.

Исто така, ова е првпат од сезоната 1989/90 да загубат 10 од првите 22 натпревари во лигата.

Овие бројки ги загрижуваат навивачите на Јунајтед, бидејќи тимот моментално се наоѓа на 13-то место.

Нивната најлоша завршница во ерата на Премиер лигата беше минатата сезона, кога завршија како осми.

„Замислете како е за навивач на Манчестер Јунајтед. Замислете како ми е“, изјави Аморим за Sky Sports.

„Добивме нов тренер кој губи повеќе од претходниот тренер (Ерик тен Хаг). Целосно сум свесен за тоа. Но, нема да променам ништо, без разлика на се. Знам дека можеме да успееме, но мора да го преживееме ова. Не сум наивен и знам дека сега треба да преживееме“ вели тој.

„Можеби ние сме најлошиот тим во историјата на Манчестер Јунајтед. Знам дека барате титули, но тоа го велам затоа што мораме да го признаеме и да го промениме“ рече Аморим и навести дека тимот ќе претрпи поболни моменти до крајот на сезоната, бидејќи во четврток има домашен натпревар против Ренџерс во Лигата на Европа, а следната недела ќе следи гостување кај Фулам, во Премиерлигата.

„Нема да го сменам погледот на играта, тоа ми е јасно. Играчите ќе страдаат, навивачите ќе страдаат, жал ми е. Имам еден начин на работа, но мораме да го преживееме овој момент. Јасно е на сите што ќе правиме тактички“, изјави Португалецот.

Поврзани новости