Португалскиот стручњак Рубен Аморим е назначен за нов менаџер на Манчестер Јунајтед.
Како што е објавено на клупската веб-страница, 39-годишниот Аморим потпишал договор со челниците на „црвените ѓаволи“ до јуни 2027 година, со опција за дополнителна сезона.
„Рубен Аморим ќе му се приклучи на нашиот клуб во понеделник на 11 ноември. Рубен е еден од највозбудливите и најценетите млади професионалци во Европа. Има освоено трофеи и како играч и како тренер“, се вели во соопштението на клубот.
Се додава дека до доаѓањето на Португалецот, Јунајтед од клупата на следните три натпревари ќе го води Руд ван Нистелрој, кој беше назначен за привремен тренер по отказот на Ерик Тен Хаг.
It’s done.
Bem-vindo ao Manchester United, Ruben Amorim 🇵🇹🤝🔴#MUFC
— Manchester United (@ManUtd) November 1, 2024
Јунајтед ќе мора да му плати на Спортинг отштета од околу 10 милиони евра за доаѓањето на португалскиот стручњак.
Аморим ќе дебитира на 24 ноември на гостински терен против новајлијата во лигата, Ипсвич Таун, по репрезентативната пауза.
Новиот тренер на Јунајтед освои две титули во португалската лига и три Лига купови и важи за еден од најдобрите млади тренери во Европа.
Минатото лето тој беше кандидат за клупата на Ливерпул, но големиот ривал на Јунајтед се одлучи за Холанѓанецот Арне Слот бидејќи неговата фудбалска филозофија повеќе им одговараше на тимот на „црвените“.
Аморим е десетти менаџер на Јунајтед по заминувањето на Алекс Фергусон, вклучувајќи ги и привремените, а шести постојан.
„Црвените ѓаволи“ ја чекаат шампионската титула од 2013 година, а минатата сезона беа само осми во Премиерлигата.
Моментално се наоѓаат на понижувачкото 14. место со повеќе порази отколку победи во првите девет кола.