Могерини и Хан до македонската јавност: Договорот со Грција не направи горди нас, Европејците

by fokus

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска унија, Федерика Могерини и Европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, со колумна до македонската јавност. објавена во дневниот весник „Слободен печат“, порачуваат дека вратите на ЕУ се отворени и дека од реформите ќе зависи колку брзо Македонија ќе и се приклучи на унијата.

„Историскиот договор меѓу Скопје и Атина нè направи нас, Европејците, горди. Тој претставува стратешка промена за двете земји и за цела Европа. Тој покажува дека дури и најчувствителните и исторски обременети спорови можат да се решат, со храброст и so визија. Ние двајцата бевме присутни на свеченоста на потпишување на Преспанското Езеро. Она што го видовме таму уште повеќе ја зајакна нашата верба во континент кој е обединет и во мир, со европската перспектива за Западен Балкан, како двигател на стабилноста во нашето непосредно опкружување.

Инспирација за целиот регион

Оваа недела, земјите-членки на ЕУ позитивно одговорија на ова достигнување и утврдија јасен пат за отворање пристапни преговори со Скопје во јуни 2019, одредувајќи јасна визија за годината пред нас и потоа. Ние веднаш почнавме да работиме на ова ново, заедничко поглавје, при што Европската комисија стартува со подготовките за пристапни преговори. Со нетрпение очекуваме да работиме со вас и вие да одговорите на овој нов предизвик со истата решеност која ве доведе до неодамнешните успеси.

Не така одамна, земјата беше во длабока политичка криза. Но, вие успеавте да ја надминете.

Постигнавте напредок во клучни реформи – не заради Брисел, туку заради сите граѓани во земјата. Постигнавте договори со Бугарија и Грција, застапувајќи нова динамика во соработката во Југоисточна Европа и отворајќи врати за инвестиции, работни места и раст. Сите овие позитивни чекори се инспирација за целиот регион.

Патот напред е јасен. Тој води кон ваше членство во Европската Унија. Во постигнувањето на тоа, сите политички сили ја делат одговорноста да одржат конструктивен дијалог и да продолжат да одговараат на стремежите на граѓаните, вклучително преку видливи реформи во областите на владеење на правото, безбедносните служби, јавната администрација и функционалната пазарна економија. Овие принципи се во срцето на успешната европска приказна. Тие се исто така она што граѓаните на вашата земја го бараат, сакаат и заслужуваат. Ова е нашиот заеднички пат: колку повеќе Скопје ќе испорача во однос на потребите на луѓето, толку побрзо ќе напредува кон полноправно членство во ЕУ.

Вратите на нашата Унија се отворени

Од наша страна, Комисијата веќе ја почна неопходната подготвителна работа во пресрет на јуни 2019, вклучувајќи ја и идната преговарачка рамка. Ние сме подготвени да ве поддржиме да продолжите со реформите. Секој има своја улога во овој историски процес. Обединетост, храброст, одговорност и прагматичност од секого ќе биде од суштинско значење. Сите политички групи и партии, локалните власти и граѓанското општество треба да го преземат својот дел од одговорноста во овој процес и заеднички да го подготват теренот за преговорите.

Работата во годината што претстои е инвестиција во вашата ЕУ интеграција. Секој чекор е важен. Чекорењето по тој пат не само што ќе ви овозможи да отворите преговори, туку тоа да го сторите на најефикасен начин. Во моментот кога преговорите ќе бидат формално отворени, вие веќе ќе итате.

Вратите на нашата Унија се отворени. Вашиот пат кон Европската Унија стана неповратен. Сега останува вие да се движите напред по тој пат кон иднина на заеднички просперитет и безбедност. Тоа е слободна и суверена одлука на вашите граѓани – и на никој друг. Нашиот сон за обединет европски континент се наоѓа во вашите раце.“

(Федерика Могерини е Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика и Заменик претседател на Европската комисија. Јоханес Хан е Комесар за европска соседска политика и преговори за проширување.)

Поврзани новости