Францускиот предлог нема поддршка од граѓаните. Новата анализа на јавното мислење, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, покажува дека 65 отсто од граѓаните се против уставни промени со цел вметнување на нови малцинства, вклучувајќи го и бугарското малцинство. Гледано по националности, анализата покажува дека 80 отсто од Македонците се против ваквите измени, а додека против се изјасниле и 32 отсто од испитаниците кои се Албанци. Само 15 отсто од испитаниците Македонци рекле дека би ги поддржале овие измени.
Во зависност од партиската припадност, 59 отсто од симпатизерите на СДСМ се против вметнување на Бугарите во Уставот, додека 39 отсто од симпатизерите на СДСМ се за. Против се 89 отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, а 10 отсто се за.
Вкупно 69 отсто од граѓаните одговориле негативно на прашањето дали на патот кон ЕУ, Македонија треба да направи историска ревизија.
53 отсто од испитаниците рекле дека не би поддржале членство на земјава во алтернатива како Евроазиска унија, предводена од Русија. Ова е намалување за 3 проценти во споредба со 2019 година кога 56 отсто рекле дека не би поддржале. Во новото истражување 32 отсто од испитаниците биле за алтернатива на ЕУ.
Што се однесува до војната во Украина, 51 отсто се согласуваат со тезата дека Русија не можела да ги игнорира провокациите на НАТО и дека нападот врз Украина е рекација на истите.