РСБСП со потсетување: Од 15 ноември задолжително носење на зимска опрема во возилото!

by Fokus

Се приближуваат зимски времемски услови. За да бидете сигурни дека вашето возило нема да ве остави заглавени во снегот и дека безбедно ќе можете да се движите по замрзнати, влажни и снежни коловози, време е да направите соодветна зимска подготовка и проверка на возилото. Под редовна зимска проверка на возилото се подразбира проверка на антифризот, проверка на маслото во моторот, проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверка на акумулаторот, притисокот на пневматиците, обезбедување на течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави итн.

Сите овие проверки и подготовки се важни, но најважно од сѐ е носењето на соодветна зимска опрема. Носењето на зимската опрема е задолжително и се однесува на периодот од 15 ноември до 15 март наредната година. Согласно тоа, РСБСП потсетува:

• Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg се подразбира: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала, или други соодветни помагала.

• Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4х4) подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри (4 mm). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

• Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Поврзани новости