Во овие есенски денови, кога обработката на земјоделските површини е во најголем замав и кога е актуелна бербата на грозјето, пченката, жетвата на оризот итн., бројот на земјоделски возила (трактори, мотокултиватори и други мобилни машини кои учествуваат во сообраќајот) значително се зголемува. Ова претставува дополнителна и сериозна опасност во патниот сообраќај,
Сообраќајните незгоди во кои што учествуваат земјоделски возила најчесто завршуваат со загуба на животи, тешки телесни повреди и огромни материјални штети. Статистичките податоци покажуваат дека:
· секоја година по неколку возачи на трактор и патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди;
· во првите шест месеци од 2020 година, еден возач на трактор го загубил животот, а во сообраќајна незгода се повредени 12 лица;
· во летниот период од 2020 година, според неофицијални податоци на РСБСП, двајца возачи на трактор го загубиле животот.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат совесни и да размислуваат за опасностите во сообраќајот. РСБСП посебно апелира до возачите на трактори и мотокултуиватори да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да управуваат технички исправни возила и да бидат соодветно осветлени во ноќни услови и во услови на намалена видливост.
Искуството од теренот и податоците од станиците за технички преглед на возила покажуваат дека голем број на возачи на трактори и работни машини не поседуваат соодветна возачка дозвола, како и дека голем број на трактори, мотокултиватори, приколки и други работни машини учествуваат во сообраќајот нерегистрирани, неосигурани, неосветлени и технички неисправни.
Во рамки на кампањата „Безбедно на трактор“, РСБСП во соработка со МВР, организира повеќе настани и активности и тоа: сообраќајни контроли, едукативни разговори и поуки со возачите на трактори и работни машини, дистрибуција на едукативни материјали, во прв ред, засилени активности за едукација на возачите на наведената категорија на возила, за потребата од поголема видливост на тракторите, приколките и другите работни машини во сообраќајот, дистрибуција на флуоресцентни налепници, триаголници и ротациони светла.
РСБСП реализира и активности преку електронските и социјалните медиуми, со цел подигнување на свеста за последиците од неодговорното учество во сообраќајот со трактор, приколка, мотокултиватор итн.
Реализацијата на оваа кампања ќе придонесе за повисока сообраќајна едукација на возачите на трактори, приколки, мотокултиватори и останатите учесници во сообраќајот, како и намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
РСБСП апелира до возачите на трактори и други работни машини:
„Бидете внимателни и означете ги возилата со законски пропишаната сигнализација кога сте вклучени во сообраќајот.
Бидете видливи за останатите учесници во сообраќајот за да се избегнат сообраќајни незгоди со повреди и несакани загуби.“