Препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, на 11 мај 2015 година, во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена ореганизација, за првпат е организиран настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот. Овој настан прерасна во традиционална манифестација позната како „ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ“.
Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Сообраќајната култура е дел од општата социјална култура. Градењето сообраќајна култура е континуиран процес, кој започнува од мали нозе. Самиот процес на едукација, односно самиот процес на градење на сообраќајна култура е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот.
Семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата. Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот. Бидете позитивен пример за децата во сообраќајот и на тој начин заштитете ги децата од повреди и загуби во сообраќајот, сега и во иднина.
Карактеристично во Рпублика Северна Македонија е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајки дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите ние партиципираме.
Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата .
Сообраќајна култура значи да се однесувате во сообраќајот водени од мотото дека:
- Секој има право да се движи безбедно во сообраќајот и секој има обврска да придонесува за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
- Сообраќајните правила и прописи важат за сите и сите се должни максимално, целосно и безусловно да ги почитуваат.
- Сообраќајните правила и прописи постојат за да не заштитат сите нас.
- Децата се нашето богатство, децата се наша иднина! Да ги зачуваме децата од повреди и загуби во сообраќајот!
По повод 11-ти Мај- Ден на културата во сообраќајот, РСБСП со апел: „Да ја унапредиме културата во сообраќајот, да ги промениме лошите навики во сообраќајот почнувајки секој од самиот себе и преку личен пример и позитивен придонес да дадеме поддршка за побезбеден сообраќај. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!
#ДЕННАКУЛТУРАТАВОСООБРАЌАЈОТ!