Пешаците се најбројна и најранлива категорија учесници во сообраќајот. Секој човек е пешак, а потоа возач на моторно возило, велосипедист итн.
Од 25% до 30% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изминатите години бројката на загинати пешаци на ниво на Република Северна Македонија се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди.
Според статистиката на СЗО, годишно, на светско ниво, околу 1,3 милиони лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се повредени во сообраќајни незгоди.
Постои стереотип дека пешаците спаѓаат во најнедисциплинираните учесници во сообраќајот, мкако и дека за нивното учество во сообраќајот не постојат правила и прописи. Ваквото однесување на голем дел од пешаците, преку личен пример се пренесува и кај децата, па многу често децата – пешаци страдаат во сообраќајни незгоди.
Дополнителна опасност за безбедноста на пешаците претставува и однесувањето на возачите, од кои, поголемиот дел не ги почитуваат пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот. Последицата од таквиот пристап е високата бројка на загинати пешаци во сообраќајни незгоди на годишно ниво.
За безбедно преминување на улицата потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и од страна на возачите.
Најважно е да се знае дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување. Тоа значи дека возилата се должни да ги пропуштат пешаците на пешачки премин, но истовремено секој пешак треба да ја преминува улицата на пешачки премин откако претходно ќе биде сигурен дека возилата кои се движат по улицата се во можност безбедно да застанат.
Пешачкиот премин е вистинското место каде што треба да се помине улицата, но времето на поминување зависи од случувањата во сообраќајот. Се разбира, доколку има семафори, тие го регулираат поминувањето на пешачкиот премин.
ПР текст