На првиот ден од новата уебна година, РСБСП упатува апел до возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни во близина на воспитно-образовните установи, а кон децата и нивните родители, воспитувачи, наставници – да ги запознаат и да ги потсетуваат децата на основните правила и прописи во сообраќајот заради осигурување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата.
На децата кои возат велосипед или тротинет им се препорачува да носат заштитен шлем – кацига, да возат со пропишаната брзина и да ги почитуваат сообраќајните правила и другите учесници во сообраќајот, како и да управуваат со исправни и означени велосипеди и тротинети.
-Децата се нашето најголемо богатство, нашата иднина. Императив на сите нас е да ја зголемиме безбедноста на децата во сообраќајот со што ќе ја заштитиме нашата иднина. Денес започнува новата учебна година, што значи огромен број деца ќе се упатат кон градинките и училиштата. Токму тие – децата кои пешачат или управуваат велосипед, тротинет и друго, се најмалите учесници во сообраќајот и неопходно е да знаат како да сe однесуваат во истиот, истакнуваат од РСБСП .
На децата кои пешачат РСБСП им препорачува: да ја поминуваат улицата само на обележан пешачки премин, да не претрчуваат преку улица, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација т.е. да преминуваат улица само кога свети зеленото светло на пешачкиот семафор. Од РСБСП истакнуваат дека децата треба особено да бидат внимателни кога се движат во услови на намалена видливост т.е. дожд и магла (по можност да носат светла облека или рефлектирачко елече), да не преминуваат помеѓу возила во движење, да не користат мобилен телефон или слушалки при преминување на улица, да внимаваат кога се движат на паркинзи, се препораките на РСБСП.