РСБСП апелира возачите да употребуваат сигурносни појаси

by Fokus

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите да ги употребуваат сигурносните појаси и на најкратките патувања. Една од причините за големиот број на загинати и тешко повредени лица во сообраќајни незгоди е ниското ниво на употреба на сигурносни појаси.

И покрај тоа што користењето на сигурносни појаси е законска обврска за која се свесни речиси сите возачи и патници, сепак голем дел од возачите и патниците не ја почитуваат оваа законска обврска, наведуваат од РСБСП.

Со цел подигање на свеста за потребата од редовно користење на сигурносните појаси, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата подготви совети, информации и одговори на клучните прашања за тоа кој, кога и зошто треба да користи сигурносен појас.

Користењето на сигурносниот појас е наменето исклучиво за лична безбедност и заштита на возачот односно патникот.

Сигурносниот појас значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.

Обврската за користење на сигурносни појаси се однесува на возачот, на сопатниците на предните седишта, но и на сопатниците на задните седишта, односно на сите седишта во возилото во кои има вградено сигурносен појас, возачот односно патниците, имаат задолжителна обврската за користење на сигурносен појас.

Обврската за користење на сигурносен појас е задолжителна за возачот и сите патници во возилото без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место.

Обврската за користење на сигурносен појас не се однесува исклучиво на: доставувач на стока во прометот, во местото на испорачувањето и возачи кога со возило се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта.

Децата до 5 години задолжително треба да користат детско седиште врзано со сигурносен појас.

Не користењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето кое не користи појас без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште.

Во случај на сообраќајна незгода, сигурносниот појас и воздушното перниче ќе го забават и ќе го спречат движење на телото кон цврстите делови на возилото, со што се апсорбира голем дел од силата што се ослободува при судир. Последиците за возачот и патниците се помалку сериозни во однос на оние возачи и патници кои што не ги користат сигурносен појас.

Поврзани новости