Многу музика, спорт и уметност во август се очекува во село Јосифово, Валандово. Спортскиот клуб ,,Проект – Јосифово’’ информира дека за прв пат ќе се одржи манифестацијата ,,Јосифовско културно лето’’ во рамките на 28 – от традиционален турнир во мал фудбал ,,Јосифовско лето 2018’’, во периодот од четврти до триесетти август.
На манифестацијата учество ќе земат голем број на уметници од Македонија, Србија, Бугарија и други земји.
Покрај натпреварите во мал фудбал, во Јосифово ќе настапат голем број на фолклорни друштва, солисти, актери, ќе се одржат поетски читања, проекции на филмови и настани од ликовната уметност.
Главниот настан ќе се случува на 24 – ти и 25 – ти август, кога ќе се одржат концерти на Игор Џамбазов и Гуру Харе, Шајн, Дисконектед, Д Хоундс, Куку Леле, хрватската музичка ѕвезда Јелена Розга и Мистер.
Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово ни изјави дека Општината ќе ја поддржи манифестацијата со скромна сума, а како организаторот, спортскиот клуб ,,Проект – Јосифово’’ веќе обезбедил повеќе спонзори кои ќе ги покријат трошоците околу настанот.
Жителите на Јосифово велат дека со нетрпение го очекуваат почетокот на ,,Јосифовско лето 2018’’ и се надеваат како манифестацијата ќе им донесе многу посетители и ќе стане традиционална.
Вики Клинчарова