Државниот министер на германското МНР за Европа, Михајл Рот, по средбата со членовите на кабинетот на Владата изјави дека во неговата земја ќе испрати порака дека Македонија има добра можност да ги надмине проблемите со соседите. Рот додаде дека ветувањата за реформи кои ги слушнал од премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров за него звучеле оптимистички за иднината на земјата.
„Некогаш Македонија беше меѓу земјите кои беа пример, но во минатото голем дел од довербата се изгуби, а сега истата таа доверба треба да се врати. Имам впечаток дека политичката клима во Македонија е целосно затруена. Тука не се мерат конкурентите во една демократска и политичка трка, туку има омраза, непријателства. Тоа е неприфатливо“, изјави Михајл Рот.
Рот го нарече лудост судирот меѓу Грција и Македонија околу прашањето за името и додаде дека Германија е подготвена да им помогне на страните.
„Никој надвор од Македонија и Грција не го сфаќа судирот околу името. Ова е тотална лудост. Јас имам предвид дека и тука и во Грција прашањето е емоционално, но сметам дека треба да дозволиме историјата да биде историја и да одиме напред за заедничка иднина каде Германија е подготвена да помогне ако сакате“, додаде Рот.