Министерот за европски прашања, Михаил Рот, и претседавач на денешниот состанок за општи работи на ЕУ, е уверен дека ќе се изнајде решение за преговарачката рамка за Северна Македонија најдоцна за време на португалското претседателство, јави дописничката на МИА од Брисел.
Михаил Рот попладнево потврди дека поради една земја членка, Бугарија, денеска не се усвоени преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, и дека тој е лично разочаран поради оваа ситуација.
-Европската Комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоен. Би сакал да испратам малку оптимизам, само една земја не се согласи за преговарачката рамка, а таа рамка мора да биде прифатена од сите земји членки на ЕУ и од Северна Македонија. Прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат, рече Рот на прес конференцијата.
Министерот Рот, чија земја претседава со ЕУ до крајот на оваа година, изрази увереност дека ќе се турка процесот и натаму во наредниот период до постигнување согласност.
-Нема потреба од план Б за Северна Македонија, прашањето е само кога, и сигурен сум дека ќе се надмине ова. Ова за мене е и лично разочарување, како и за самата канцеларка (Меркел), ние сме посветени, но не бевме доволно успешни, почувствував огромна поддршка од другите земји членки, а португалското претседателство рече дека ќе се заложи. Можете да сметате на поддршката на федералната влада на Германија дека ќе продолжи да притиска, увери Рот.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, со ист тон како и Рот изрази целосна поддршка за процесот со Северна Македонија и порача дека Комисијата ќе работи со португалското претседателство од први јануари на оваа тема.
Германското претседателство се надеваше дека ќе постигне успех во делот на проширувањето за време на своето претседавање со ЕУ преку усвојувањето на преговарачките рамки со Северна Македонија и Албанија, но поради бугарската блокада прашањето беше целосно отстрането од дневниот ред на министрите на денешниот состанок.
Министерот Рот меѓутоа не ја исклучи можноста за некаков напредок до крајот на оваа година.
-На мое огромно разочарување не постигнавме согласност за преговарачките рамки ниту за заклучоците на Советот за проширувањето, ова е горчлив удар за нашата политика кон западниот Балкан чија цел е да се поттикне стабилност и демократија на западниот Балкан, но ЕУ останува посветена да се постигне согласност во наредните денови, најдоцна за време на португалското претседателство, изјави Михаил Рот.