Претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, денеска ја критикуваше авторитарната политика на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претходно го нарече „србомразец“.
Рот на социјалната мрежа Икс објави дел од говорот на Вучиќ од денешната прес-конференција и му одговори дека во ЕУ повеќе не важи изјавата „Државата тоа сум јас“.
„Вие не сте Србија претседателе Вучиќ! Ве критикувам вас, вашето пријателство со Русија и авторитарната политика. Од друга страна, го сакам српскиот народ. Тоа (што го наброја) е најголемата пречка за влез на вашата земја во ЕУ“, напиша претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг.
Претседателот Вучиќ претходно се осврна на дебатата што на Твитер започна со одговорот на премиерката Ана Брнабиќ на оценката на Рот дека изборите во Србија не биле ниту фер ниту слободни.
„Замислете Ана Брнабиќ се осмели да му одговори на Рот. Нека игра со други држави, нема да игра со Србија. Тој не е џентлмен, добро го познавам, најголемиот србомразец во Германија“, ѝ рече Вучиќ на премиерката која седеше во првиот ред и ѝ порача следниот пат да одговори „три пати посилно“.
Брнабиќ вчера на Икс (по повод повикот на Министерството за надворешни работи на Германија до Белград да ги спроведе сите препораки од извештајот на ОДИХР и на оценката на Рот дека изборите во Србија не биле ниту фер ниту слободни), одговори со тврдење дека Бундестагот не спроведе 10 години ниту една препорака на ОДИХР во врска со германските избори.
Рот потоа изјави дека ОДИХР никогаш не регистрирал огромни изборни нерегуларности во Германија, организирано уредување на избирачкиот список и транспорт на фантомски гласачи, по што Брнабиќ го обвини дека „воопшто не се ни потрудил да го прочита“ извештајот за Србија.
„Да го прочитавте извештајот што се осмелувате да го коментирате, ќе видевте дека ОДИХР сосема коректно и прецизно тоа го наведува како наводи и тврдења, а не како факти, затоа што тоа се: неосновани, неиздржани тврдења на опозициските партии“, напиша таа и додаде дека во извештајот не е наведена фразата „фантомски гласачи“ што тој ја употребил.