Германија очекува до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ да биде одржана првата Меѓувладина конференција и да почнат пристапните преговори со С.Македонија, изјави германскиот министер за Европа Михаел Рот по денешната средба во Берлин со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– Во својство на претседавач со Советот за општи работи, гордо изјавувам дека планираме да започнеме со организација на првата Меѓувладина конференција и да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија. Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори, рече Рот.
Тој истакна дека во заклучоците на Советот веќе се договориле дека нештата се прилично позитивни.
– Од моја страна, Северна Македонија ги исполни условите и сега е право време да испорачаме. Треба да почнеме со пристапните преговори што е можно побргу, нагласи Рот.