Рот: Благодарност до Македонците, не се откажувајте!

„Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства.“

by fokus

Првиот ден од работната посета на Сојузна Република Германија, вицепремиерот Никола Димитров го заокружи со средба со Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП како дел од владејачкото мнозинство и довчерашен германски министер за Европа.

Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за дејствувањето на Рот од неговата позиција за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија во светло на заедничката кауза за обединета Европа.

По средбата, германскиот пратеник даде изјава за македонските медиуми што ја пренесуваме во целост:

 „Вчера ја напуштив мојата функција како министер за Европа. Би сакал да изразам благодарност до Македонците, имам многу пријатели во регионот на Западен Балкан и особено во Северна Македонија. Вашиот народ го заслужува најдоброто, а тоа е ЕУ перспектива. Новата влада останува посветена на тоа, трите партии кои ја формираа новата влада остануваат посветени и многу работиме на изнаоѓање мудро решение за да се надминат билатералните спорови.

Не се откажувајте! Не се откажувајте и мојата порака до моите истакнати пријатели во Брисел и низ целата Европска Унија е – да ги одржиме нашите ветувања. Мораме да испорачаме.

Луѓето во Северна Македонија постигнаа многу и знам дека е долг и трнлив пат, но на крајот вреди. Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет, стабилност, мир, регионално помирување и владеење на правото и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства. Ви посакувам сé најдобро и многу ви благодарам за одличната соработка со мојот пријател Никола и со многу други, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор.“

Поврзани новости