Росана Сариќ – Тодоровска, жената која заедно со сестра и Маријана пред неколку децении владееше на музичката сцена кај нас, и беше синоним за квалитет и скромност, на радост на публиката повторно активно се враќа на естрадата.
Нејзиниот спонтан кам бек се случи пред три години, кога запеа на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Настапи со романтичниот шлагер „Спомени“, дело на Александар Митевски, а песната беше еден вид на времеплов. Реакциите на јавноста по „Макфест“ покажаа дека Росана е секогаш добредојдена на сцената, а со својата појава и настап ги разбуди спомените на минатите времиња.
Неодамна, таа беше музичка гостинка во локал во Скопје, за време на настапот на Дац и Александар, и беше дочекана со овации. Видео од нивниот заеднички настап се споделува на социјалните мрежи, а пеењето на Росана, кое како да доаѓа од душа, не остави никого рамнодушен. Околу тоа дали таа ќе продолжи со настапите, а можеби и ќе ја израдува публиката со нови, авторски песни, за „Фокус“ вели дека моментално, како опција постои заедничка песна со Дац и Александар.
-Не би откривала премногу детали, но да, таа опција постои. Прекрасно е чувството да си повторно на сцената. Упорен е Александар Митевски да ме врати… Имаме одлична соработка и големо задоволство ми е што соработувам со такви професионалци – вели Росана.
Се присетува на неодамнашниот настап, кога им беше гостинка во скопски локал, за кој вели дека поминал фантастично.
-Целата публика таму ги пееше песните заедно со нас. Тоа е едно прекрасно чувство во срце и душа, не се опишува со зборови. Митевски е голем професионалец, секоја му чест, во секој поглед. За сето она кое публиката може да го очекува во иднина од мене, ќе биде со време информирана. Мене лично, секоја средба со публиката ми е емотивно доживување – раскажа Сариќ- Тодоровска.
Вики Клинчарова