Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо и официјално беше промовиран како нов член на Ал-Наср од Ријад.
Тимот од Саудиска Арабија му приреди спектакуларна промоција на која присуствуваа 25.000 гледачи. Пристигнале преку 130.000 барања за билети, но само најбрзите и најсреќните успеале навреме да ги обезбедат.
Роналдо на стадионот пристигна во придружба на претседателот на Ал-Наср, Мусали Ал Муамар.
صفقة تاريخية ذات أبعاد كبيرة
مبروك لـ #النصر ولـ الكرة السعودية #كرستيانو_رونالدو #CristianoRonaldo #HalaRonaldo
pic.twitter.com/3rYZ3Z000K— د. سلطان اللحياني (@sultan0018) January 3, 2023
Клубот ова го нарече „историски настан“.
„Многу сум горд што сум тука, што донесов голема животна одлука. Мојата работа во Европа е завршена, освоив сѐ, играв за најголемите клубови. Ова е нов предизвик за мене, ти благодарам Ал-Наср што ми даде можност да го промовирам фудбалот кај младите генерации во оваа земја“, изјави Роналдо.
„Кога ја донесов одлуката, моето семејство ме поддржа, особено моите деца. Тие се среќни, овде се чувствуваме добро. Луѓето нѐ сакаат и јас сум горд”, додаде тој.
Роналдо откри и кои се неговите амбиции.
„Ова е одлична можност не само во фудбалот, туку и да се промени менталитетот на новите генерации. Имав многу понуди од клубови во Европа, од Бразил, САД, Австралија, Португалија, многумина се обидоа да ме донесат, но јас дадов збор на Ал-Наср.Сакам да го развивам фудбалот во оваа земја. За мене ова е добра шанса, со знаењето и искуството што го имам сакам да помогнам, сите овде да имаат перспектива. Не знам колку луѓето знаат, но Ал-Наср има и женски клуб. Сакам сето тоа да го развијам на уште повисоко ниво“, додаде Кристијано.
Неговата одлука да замине во Саудиска Арабија изненади многумина.
„Фудбалот во последните 10-15 години се промени. Сите се поподготвени. Го видовте тоа на Светското првенство. Има изненадувања, Јужна Кореја, африкански тимови, дури и Костарика. Еволуцијата на фудбалот е поинаква, затоа сакав промена. Не ми е гајле што велат луѓето, тоа е моја одлука, затоа сум среќен што сум овде. Лигата е силна иако немам гледано многу натпревари. Едвај чекам да играм, можам веќе задутре, ако тренерот така одлучи. Сакам повеќе да уживам во фудбалот и да ги радувам луѓето“.
Тој вети и дека ќе собори рекорди во Ал-Наср.
„Јас сум посебен играч, сакам да соборам некои рекорди овде. За мене тоа е нешто сосема нормално”, се насмеа Роналдо.
На крајот остави порака за фановите.
„Едноставно, дојдов да победувам, да уживам, да ја научам културата на оваа земја и да уживам и да играм фудбал со сите во клубот“, изјави Португалецот.